ВО КРИВА ПАЛАНКА ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ„МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ ЗА КРИТИЧЕН МЛАДИНСКИ СТАВ“

Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка се приклучи на одбележувањето на Деновите на медиумска писменост со промотивна прес конференција на проектот „Медиумско описменување за критичен младински став“, која се одржа денеска, во големата сала на општина Крива Паланка.

            На промотивната прес конференција беа презентирани целите на проектот насочени кон градење на критичен став и селекција на медиумските пораки кај младите за поттикнување на младински активизам и позитивни промени во локалните заедници.

             Проект координаторот Жаклина Цветковска истакна дека проектот се спроведува со поддршка на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“и Евротинк-Центар за европски стратегии,во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк, финансиран од Европската Унија. Проектот се реализира во соработка со медиумскиот партнер-веб порталот „Аберџија“ и со основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка, „Х.Т.Карпош“ од Ранковце и „Кочо Рацин“ од Кратово. Со проектните активности се опфатени 80 ученици од 9-те одделенија од овие четири училишта.

            На настанот присуствуваше  и градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, кој рече дека во денешни услови на наплив на дезинформации, лажни вести и многу квази медиуми, повеќе од неопходно е младите да научат како да ги филтрираат медиумските содржини,да трагаат по вистината и критички да размислуваат за информациите што им се пласираат.

            На промотивната прес конференција говорници беа и директорите на ООУ„Илинден“ од Крива Pаланка,Марица Николовска, на ОУ„Х.Т.Карпош“ од Ранковце, Христина Младеновска, Елена Симоноска од НВО Инфоцентар од Скопје и Ирена Белешковска, дописник на МИА. Тие се заблагодарија на соработката и ја истакнаа важноста на медиумското описменување на младите, не само во образовниот процес, туку и преку неформалното образование. Истовремено, ги пренесоа своите искуства од професионален и личен аспект, нагласувајќи дека потребата од медиумска едукација се повеќе се зголемува, но дека, за разлика од порано, сега е многу полесно да се работи во оваа област заради отворената соработка со надлежните институции и гаѓанските организации.

            Од текот на дискусијата беше заклучено дека се очекува проектот да даде големи ефекти во локалната заедница и да ги охрабри младите да ги истакнат своите потреби и тие да станат видливи во јавноста.