Музички времеплов: Промовирани трајните вредности од македонската и светска рок и поп култура во Крива Паланка

На 17 август, пред платото на Градскиот музеј од Крива Паланка, се одржа мултимедијалниот настан „Музички времеплов: Промоција на трајните вредности од светската рок и поп култура“, на кој беше презентирана музичката сцена од 50-тите години на минатиот век, па се до денес.

Во уметничката галерија на Градскиот музеј беше отворена ретроспективна изложба „Визуелниот говор на македонските носачи на звук (LP-a) во ХХ-век“, а истовремено беа промовирани делата Македонска рок енциклопедија, Македонска дискографија-винили и Македонски рок времеплов од страна на авторот Тошо Филиповски.

„Македонската урбана современа култура, а посебно македонската музика, има вредности кои што треба да бидат забележани и оставени за генерациите што доаѓаат по нас“, истакна Филиповски најавувајќи отворање и на Музеј на македонската рок музика.

Музичарот и модератор Илија Кикиритков ја потсети публиката на историјата на светската и македонска рок и поп сцена, преку интерактивна прошетка, проследена со музичка изведба, нарации и видео прилози.

Настанот се организираше со цел да се даде придонес за популаризирање, афирмација и доближување на светското и македонско музичко наследство до публиката. На едно место се собраа различни генерации, кои ги споделија своите спомени и доживувања за светските и македонски рок и поп хитови, трендови, легенди и музички идоли.

Организатори на музичкиот времеплов се Центарот за аудиовизуелни уметности-Крива Паланка и НВО Инфоцентар од Скопје, како дел од проектот “Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“ подржан Меѓународниот центар Улоф Палме. Настанот се одржа во ко-организација со ЛУ Градски музеј Крива Паланка и Општина Крива Паланка.