Кривопаланечки архитекти победници на Креативниот бизнис куп на Македонија

Проектот – EnergyBOX – надворешен работен простор (outdoor work hub) на тимот архитекти од „ArchX студио“ од Скопје е избран за најкреативно и најдобро решение на Креативниот бизнис куп на Македонија. Ова победничко решение ќе биде претставено на Глобалната конференција BRIGHT Копенхаген 2021.

Тимот го сочинуваат кривопаланечките архитекти Натали Велеска, Ален Цветковски и младите архитекти Сара Велеска и Андреј Цветковски. Тие беа меѓу 10-те финалисти на натпреварот за старт-апи на креативни индустрии, а нивниот проект е избран за најдобар и ќе ја претставува државата во Копенхаген, Данска, каде ќе се презентираат паметни, одржливи и иновативни решенија.

 Архитектите велат дека идејата за проектот е поттикната од пандемијата што доведе до зголемен број на работници, кои работат онлајн од дома. Но, тоа предизвика нарушување на нивното ментално здравје, поради изолираноста во домашна „работна“ средина. Според истражувањата, најголем дел од нив, особено со стивнувањето на здравствената криза, би ја продолжиле онлајн работата во надворешен простор, доколку за тоа би имале услови, односно место за работа и интернет конекција за да бидат достапни во секое време, како наметната потреба на новиот работен стил. Затоа, целта на кривопаланечките архитекти е со своето решение да понудат надворешен микро хаб со биро, интернет врска, станица за поленење на батерии за лаптоп и други услови за работа.

Концептот на проектот е катче за работа, кое може да се постави на јавна површина, со интернет конекција ,приклучок за електронски уреди и со софтверска подлога. Енергетски е ефикасен, работи на соларна енергија, пристапен е и за лица со посебни потреби, а истовремено е и модуларен, односно можат да се постават повеќе кутии споени една со друга во група. Исто така, овој работен продукт е лесен за монтажа и секој може да си го приушти. Погоден е и за тимска работа и лесно се адаптира на новиот начин на работа и живеење. Со еден збор, EnergyBOX ги оплеменува јавните простори и може да се постави на било кој отворен простор- во парк, на плоштад, во природа, или каде и да посакате, давајќи им можност на луѓето да работат и да уживаат во денот истовремено“, објаснува Натали Велеска, лидер на тимот.

Неговата иновативност и ефективност е препознаена од едукаторите- домашни и странски претприемачи и професори од повеќе области, но и од петчленото жири (успешни бизнисмени и професори по економија од земјата и странство) на Креативниот бизнис куп, кој претставува уникатен натпревар за иновативни деловни идеи од креативните и културни индустрии што имаат потенцијал да растат на глобално ниво. Целта е да се поттикнат и развиваат социјалните иновации и деловните активности како одговор на клучните и итни општествени предизвици, вклучувајќи го и развојот на еко-системот, а со тоа да се создаде општествено-економски и еколошки одржливо општество.

Со победата на националниот куп, тие ќе бидат претставници на Македонија на Глобалниот креативен бизнис куп- Глобалната конференција BRIGHT 2021 во Копенхаген, каде стартапи од повеќе од 75 земји ќе се натпреваруваат да станат број еден креативен стартап на годината.

Како концепт за мобилен и удобен работен простор на иднината, кривопаланечките архитекти веќе ја презентираат проектната идеја пред потенцијалните инвеститори и клиенти.

Корисници на овој надворешен простор, пред се, би биле луѓето што работат од дома, младите претприемачи, студентите и дигиталните номади. Како потенцијални клиенти, пак, ги гледаме рекламните компании и големи корпорации, организаторите на настани и општините, особено оние кои имаат развиен туризам. Од технички аспект, пак, како партнери би биле вклучени производителите на дрво и метал, работилниците за дрво и компании за соларни системи“, вели Велеска.

Проектната идеја е компетитивна на пазарот, бидејќи нема сличен продукт за работна средина, погодна и потребна во постпандемијата и се поголемата дигитализација на работните обврски.

Следен чекор за EnergyBOX и тимот е изнаоѓање на партнери, кои го препознаваат потенцијалот на проектот, сакаат да промовираат паметни и одржливи решенија и да ги подобрат јавните простори во својот град на светско ниво. Тие се надеваат дека овој тип на објекти ќе стане бренд и ќе бидат дизајнирани повеќе вакви производи.

(Ж.Цветковска)