ЕДУКАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ И ЗАШТИТА ОД ИНТЕРНЕТ ЗЛОУПОТРЕБИ

            Медиумската писменост и ризиците од злоупотреба на интернет и безбедноста во онлајн комуникациите беа теми на Едукативните работилници за основите на медиумска писменост и  заштита од интернет злоупотреби, што се одржаа во месец декември и февруари, во ООУ„Илинден“ и ООУ„Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, ООУ Х.Т.Карпош од Ранковце и ООУ Кочо Рацин од Кратово

            На овие работилници учествуваа вкупно 80 ученици од 9-то одделение, кои низ практични примери се запознаваа со основите на медиумската писменост, напливот на лажни вести и справување со истите преку проверка на факти и како да ги препознаат и да се заштитат од опасностите на интернет и социјалните мрежи, но и кои се основните правила што треба да се почитуваат во онлајн комуникациите.

            Работилниците ги водеа Синиша Пекевски експерт за комуникации и односи со јавноста и  Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и социјални мрежи, кои на креативен начин , со интерактивно учество, им ја доближија на основците медиумската и информатичка писменост и безбедноста на интернет.

            Оваа активност е дел од проектот „Медиумско описменување за критичен младиски став“, што го реализира Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во партнерство со веб порталот„Аберџија“, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк“,спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк-Центар за европски стратегии.

            Целта на проектот е младите да бидат медиумски писмени за да развијат критичен став кон информациите  што допираат до нив, да ги селектираат медиумските пораки и да бидат сигурни и безбедни во онлајн комуникациите. Истовремено, младите ќе креираат и едукативни содржини за медиумска писменост, со што ќе го поттикнат и младинскиот активизам за потребите на младите во заедницата.