ДОДЕЛЕНИ НАЈВИСОКИТЕ ОПШТИНСКИ НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

На свечена академија во Крива Паланка  беа доделени највисоката општинска награда, Осмооктомвриска награда и осмооктомвриските признанија кои се доделуваат за посебни заслуги за афирмација и промоција на општината во национални и меѓународни рамки. Наградите се доделуваат по повод 8 Октомври, денот на ослободување на општината, а ги додели градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

– 76-годишнината од ослободувањето на општината ќе ја паметиме по многу нешта, покрај пандемијата со Ковид-19, што го зафати целиот свет, годинава се случија и убави работи, почнувајќи од вложување во регионалната инфраструктура, инвестициите во руралните средини по 40 години, бележиме напредок во сферата на заштита на животната средина, бројни инвестиции поддржани од Владата на РС Македонија, од Светската банка, од ЕУ- фондови, активности потпомогнати од амбасадите на Франција, Јапонија, амбасадата на Бугарија, бројни инвестиции во образованието, спортската инфраструктура, за што упатувам благодарност од име на сите граѓани на Крива Паланка, изјави градоначалникот Мицевски.

Добитник на главната Осмооктомвриска награда е проф.д-р Анета Стефановска, Кривопаланчанка по потекло, биокибернетичар, научник на универзитетот во Ланкастер, Велика Британија, докторант на универзитетите во Љубљана и Штутгарт, пионер во многу научни области.

– Голема благодарност за оваа голема чест, но јас сакам да и се заблагодарам на мојата Крива Паланка за прекрасното детство, на моите родители за се што ми дале, но и да ви порачам дека патувајќи по светот воочувам дека треба колку што гледате во иднината, да се осврнуваме по често на традицијата зашто имаме огромно богатство на кое треба да сме горди, рече Стефановска.

Академскиот сликар, уметник, педагог, Роберт Цветковски, со тридецениско работно искуство и над 31 самостојна изложба во светот, доби осмооктомвриско признание за промоција на Крива Паланка.

Амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук го доби признанието „Почесен граѓанин на Крива Паланка”.

Осмооктомвриски признанија и пофалници добија и: Извиднички одред „Наум Наумовски Борче” Крива Паланка, како најстара младинска организација, Општинска организација на Црвен крст, Крива Паланка, како столб на хуманоста, волонтаризмот и поддршката на заедницата, Средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, Крива Паланка, кое слави 60- годишен јубилеј, кое е темел на знаењето, препознатливо во национални и меѓународни рамки.

Осмооктомвриска благодарница доби министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, за поддршка на општината во напорите за зачувување на природата.